Привлекувач – Одбивач

Привлекувачи и базен на привлекување

Привлекувачите се однесувања или структурални состојби кон кои, во рамките на одреден контекст, системот конвергира од големо множество на почетни состојби. Во одредена смисла, овие завршни состојби ги привлекуваат соседните.

Множеството на сите почетни состојби од кои однесувањето на системот спонтано конвергира кон привлекувачот се нарекува базен на привлекување. На пример, кажано метафорички,, привлекувачот може да биде море или океан, а нивниот базен на привлекување се сите места од кои реките течат кон нив. Водите од реките се (гравитационо) привлечени кон нивните привлекувачи (морињата или океаните). Во одредена смисла, тие се предодредени да ја достигнат финалната состојба која ја игра улогата  на привлекувач (морето или океанот). Реки од разни континенти се влеваат во Атлантскиот океан. Сите овие региони го формираат базенот на привлекување на Атлантскиот океан.

На сличен начин, најниските нивоа на енергија (минимумите) во атомите се привлекувачи, а сите повисоки нивоа на енергија од кои електроните се обидуваат да го достигнат најниското енергетско ниво (т.е. привлекувачот), го формираат базенот на привлекување. Атомите може да се дефинираат како базени на привлекување  на нивното најниско ниво на енергија (привлекувачот).

Долготрајната стабилност на формата на листовите од билките или формата на самите билки, кон кои тие конвергираат за време на растот, може да се дефинираат како привлекувачи. Памтењето и препознавањето, како и биолошките движења се силно зависни од стабилните привлекувачки состојби во динамиката на неуралните мрежи кои го сочинуваат централниот нервен систем.

Одбивачи

Одбивачите се нестабилни состојби на однесување или структури на системот. Доколку од некоја причина системот ја достигне таа состојба (на пример под влијание на надворешна побуда) тој ќе тежнее да ја напушти спонтано и да се врати во состојбата која е привлекувач. Од тука, помеѓу одбивачот и привлекувачот постои ток ,односно, векторско поле, кое влијае како привлекувачка сила. На пример, планинските сртови и врвови може да се дефинираат како одбивачи. Како што планинскиот снег се топи, водата на секоја страна од овие сртови,под дејство на гравитациската сила, формира реки (токови) кои течат кон различни мориња. Планинските сртови (одбивачите) означуваат граници помеѓу различни базени на привлекување. Мала разлика во почетната положба на снегот што се топи (дали се наоѓа неколку метри од една или друга страна на сртот), може да доведе до реки (токови) кои се влеваат во сосема различни океани, илјадници километри далеку едни од други.    Гледано метафорички, одбивачите се вододелници.

Највисокото ниво на енергија во атомите може да се смета за одбивач затоа што електроните кои го достигнуваат може, лесно, при најмала додатна побуда, да го напуштат атомот и да се придружат на друг атом или може да конвергираат кон привлекувачот (најниското ниво на енергија) на првиот атом. Значи, за мала почетна разлика може да имаат квалитативно различни финални состојби.

Во критична точка почетната состојба на материјата станува одбивач (на пример, демагнетизирана положба) и конвергира кон новоформираниот привлекувач (магнетизираната состојба). Во оваа таканаречена точка на фазен премин (бифуркација или критична точка), состојбата што е привлекувач може да се дестабилизира и да стане одбивач, а други состојби на системот да станат привлекувачи.

Robert Hristovski 26.03.2015

Превел: Марко Стевановски