Новопројавеност

Новопројавеноста е феномен на формирање на колективни својства на системите. Овие својства не постојат на ниво на индивидуалните компоненти, туку настануваат од интеракцијата помеѓу таквите компоненти. На пример, бранот на собраќаен метеж се шири во спротивен правец од оној на возилата (компонентите) на транспортниот систем. Брановите кои спортските навивачи ги креираат се шират перпендикуларно (под агол од 90֯) во однос на ориентацијата на движење на поединечните навивачи (компонентите), кои се движат горе – долу. Својствата како што се вискозноста, густината, мислите и двојното подавање во спортот, неможат да се препишат на индивидуални атоми или молекули, неурони или играчи, респективно. Целините како што се: уметничката слика, музичкотото дело или скулптурата имаат својства  кои се последица на подреденоста на многу компоненти. Индивидуалните својства (поединечните точки боја, ноти или резови) самите по себе не се уметничка слика, музичко дело или скулптура. Ниту циглите ниту интегралните кола, самите по себе,  ги немаат функционалните новопројавени својства кои ги имаат куќите и компјутерите, респективно.

Новопројавените својства се колективни својства. Општествените колективните својства како што се: системот на вредности, религиите, идеологиите, модата, уметничките вкусови, научно-истражувачките програми итн., се развиваат како новопројавени  колективни, макроскопски својства и го управуваат  однесувањето на компонентите од општествениот систем (човечките суштества). Обратно, бидејќи компонентите на системот се однесуваат како што им налагаат макроскопските новопројавени колективни својства, тие понатаму го стабилизираат опстанокот на колективните својства. Што се случува локално (на микро ниво), како секоја од компонентите на системот се однесува, зависи од колективната, глобална променлива. Овој ефект е познат како циркуларна каузалност. На пример, локалните политички настани (настани во поединечни земји) се водени и повлијаени од глобалните (колективни) геополитички и геостратешки интереси од глобално доминантните финансиски, економски и според тоа, политички сили. Вооружените конфликти, државните удари, итн., на локално ниво, се скоро секогаш иницирани или барем значајно повлијаени од судирот на неколку поларизирани глобални (колективни) геостратешки вредности (интереси, идеологии, религии или смеса од нив ). Во зависност од крајниот резултат на локалниот политички настан една од поларизираните колективни вредности ќе биде привремено стабилизирана како доминантна.

Роберт Христовски 17.03.2015

Превел: Марко Стевановски