Фазни Премини

Промената на контекстот може да индуцира спонтана квалитативна промена на системот менувајќи ја предходната стабилна состојба на системот во нестабилна. Понекогаш контекстот дестабилизира. Блиску до таквата  критична, или бифуркациска точка минимална пертурбација е доволна за да ја започне квалитативната промена. Во моментот кога е појавува нестабилноста на предходната стабилна состојба, започнува процесот кој ја засилува иницијалната промена (пертурбација). Овој процес се нарекува позитивна повратна (самозасилувачка) спрега. Транзицијата помеѓу тврда, течна, гасовита и плазма (јонизирана) состојба е можеби најпопуларниот пример. Лавината е друг пример на овој процес. Магнетизирањето и промените во социјалниот систем (создавањето идеологии, политички движења) или почнувањето на  воена состојба и востание се други примери. Во сите овие случаи многу мала физичка, психолошка или социолошка пертурбација е потребна за да ја започне позитивната повратна спрега.

Фазата на транзиција трае краток временски период во споредба со времето на промена на контекстот. На пример, формирањето на нов социјален поредок може да одземе неколку месеци или години додека еволуцијата на контекстот кој довел до таа промена може да трае десетици или илјадници години. На сличен начин формирањето на целенасоченото движење на нашите екстремитети (н.пр. посегање по топка)  може да трае неколку стотици милисекунди, додека нашето целенасочено пристапување (т.е. промената на контекстот) до целниот објект (топката) може да трае неколку секунди или повеќе. Спората промена на контекстот која трае повеќе секунди го доведува перцептивно-моторниот систем до критична точка во која на пократка временска скала, од редот на стотици милисекунди, се создава координираната активацијата на екстремитетот или екстремитетите во форма на посегање кон топката.

За време на овие брзи процеси (фазните премини) постои постојано самозасилување на реструктуирањето на соодносите (координацијата) помеѓу компонентите кои се инволвирани во процесот. Како тие ќе се реструктуираат зависи од контекстот. Во лавините реструктуирањето е дистрибуцијата на снегот, во магнетизацијата тоа е насоченоста на електронските магнетни моменти, а за време на социјални промени тоа е реструктуирањето на социјалните слоеви, гледишта и вредности. Она што се случува во нашиот нервно-мускулен систем за време на иницирање на секое движење е самозасилувачката активност (позитивна повратна спрега) на нервно-мускулните единици со цел да ја достигнат потребната мускулна сила со цел да ја совладаат инерцијата на екстремитетот.

Во зависност од контекстот позитивната повратна спрега ќе се промени во спротивна – негативна повратна спрега. Негативната повратна спрега ја потиснува иницијалната промена и го враќа системот во неговата стабилна положба. Таа го запира засиленото рестуктуирање на компонентите на системот карактеристично за фазата на транзиција. Таа е одговорна за достигнување и степенот на стабилност на системот. Потиснува било каква пертурбација и тежнее кон задржување на стабилното однесување/структура. Создавањето на нова агрегатна состојба, лавина, социјална промена и биолошко движење запира кога негативната повратна спрега го запира реструктуирањето на додатните компоненти кој го поддржуваат процесот. На пример, едно индивидуално или социјално (н.пр. институционално) однесување кое е стабилно под некаков социјален контекст брзо ќе се ре-воспостави дури и ако владата се обидува преку законите да воведе некакво друго однесување. Негативната повратна спрега која ја враќа  стабилната состојба) е генерирана од колективното (во овој случај – социјално) поле кое ја корегира секојоа индивидуална компонента чие однесување почнува да се разликува од колективното. Примери за негативна повратна врска, на социолошко ниво се, притисокот на врсниците и согласувањето.

Гледаме дека фазниот премин се состои од последователното содејство на позитивната (самозасилувачка) и негативната (самопотиснувачка) повратна спрега. Позитивната повратна спрега го создава новиот поредок преку засилување на реструктуирањето на компонентите од системот, а негативната повратна спрега ги одржува постигнатите поредок и однесување стабилни. Кога контекстот го има доведено системот близу до точката на фазен премин, тогаш и промената (пертурбацијата) на една или мал број индивидуални компоненти од системот може да доведе до колективна, макроскопска промена. Тогаш системот е осетлив на мали побуди. Кога контекстот е таков што системот е стабилен, тогаш иновативното поведение на индивидуалните компоненти бива брзо пригушено од колективното поле. Кога контекстот доволно ќе се промени може повторно поредокот да се дестабилизира и да дојде до нов фазен премин и уште еден нов координиран поредок, односно, ново однесување на системот.

Роберт Христовски 12.05.2016

Превел: Марко Стевановски